Фотографии на денот
Актуелни, занимливи, необични, прекрасни или застрашувачки. Поглед на секојдневието преку редовната #ФотографијаНаДенот на Дојче Веле на македонски јазик.
Најдолгиот багет на светот
„Светскиот рекорд за најдолг багет е соборен“, објави гордо градот Сурен, во Франција. Француските пекари таму цели 14 часа работеа на најдолгиот багет и на крајот направија леб долг цели 140,53 метри! Со тоа влегоа во Гинисовата книга на рекорди. Претходниот рекорд за најдолг багет беше поставен во Комо, Италија.
Велигден во Македонија
Светските агенции во текот на викендот објавија фотографии од празнувањето на Велигден на православните верници ширум светот, а меѓу нив е и оваа фотографија на агенцијата Ројтерс направена во Македонија, во манастирот Свети Јован Бигорски.
Првомајски демонстрации во Германија – главно мирни
Повеќе од 20.000 луѓе на 1 мај учествуваа на левичарските и левичарско-радикалните демонстрации, првенствено во Берлин и Хамбург. Полицијата беше присутна во засилен број за да спречи можни нереди во текот на ноќта. Во Штутгарт (на фотографијата) полицијата го прекина митингот откако учесниците ги нападнале полицајците.
Мајско дрво
Украсено е со шарени ленти и венци и обично се поставува на централниот плоштад: таканареченото мајско дрво е цврста традиција во многу германски села. Сепак, оваа традиција одамна се пренесе и во градовите и служи како знак на љубов. Момчињата обично го ставаат пред домот на нивните девојки ноќта спроти први мај.
Венеција наплатува дневна такса за туристи
Венеција е прв град во светот кој наплатува дневен влез, слично на забавните паркови. За тековната година во оваа тест фаза определени се вкупно 29 дена во кои ќе се наплатува таксата. Пет евра ќе треба да се плаќаат до 5 мај. Потоа, таксата ќе се наплаќа и за сите викенди за време на главната туристичка сезона. Градот остварува високи приходи од масовниот туризам, но и многу страда од него.
Сахарска прашина ја обви Атина
Црвено-портокалова боја до каде што може да стигне окото: Двојка седи на ридот Турковунија во близина на грчката престолнина Атина и набљудува речиси дистописки пејзаж. Јужните ветрови донесоа сахарска прашина во градот - една од најжестоките епизоди од 2018 година наваму. Постојат и здравствени ризици - властите предупредуваат на тешкотии со дишењето
Свеќи за спас на лозјата од доцниот мраз
Оваа фотографија е направена на 22 април 2024 година во Фули, западна Швајцарија и покажува запалени свеќи поставени во лозје за да ги загреат растенијата. Тоа е дел од борбата против мразот што ги уништува новопојавените пупки. Со доцниот мраз во големи делови од Европа се зголемува ризикот од оштетување на овошните култури и лозовите насади.
Маратонец во телефонска говорница
На Лондонскиот маратон оваа година имаше повеќе од 50.000 учесници. Додека за некои трката беше прилика за победа и спортски успех, за некои беше важно и привлекувањето внимание, ккао за овој маратонец во телефонска говорница на фотографијава.
Без шамија покрај плакат со ирански ракети
Млади Иранки без задолжителните шамии минуваат покрај плакат кој прикажува лансирање ракети на карта од Иран. Фотографијата е направена во Техеран, на денот на нападот врз Иран, кој, според американски медиумски извештаи, го извршил Израел. По него следуваше блага реакција од страна на Техеран. Со тоа можеби е запрена спиралата на насилство меѓу Израел и Иран, барем засега.
Нови дипломци на косовската полиција
Нови членови на косовската полиција на церемонијата за дипломците на 59-та генерација на косовската полиција. Во Приштина свечено беше прогласено дипломирањето на 445 нови припадници на Косовската полиција, обучени на Академијата за безбедност на Косово. Меѓу нив 345 се мажи, а 100 се жени. Од вкупниот број, 357 се Албанци, а 88 се од немнозинските етнички заедници.
Од агава до текила
Ова не се ананаси, иако наликуваат на нив. Ова е плантажа со агава - растение од кое се произведува пијалокот текила, кој го носи името по истоимениот град во Мексико. Градот Текила оваа година одбележува 50 години од почетокот на ставањето на ознаката Текила како место на потекло, кое на потрошувачите им е гаранција за автентичноста на производите што го носат ова име.
Големи поплави во Дубаи
Кога пустината се претвори во море - вака изгледа една од главните сообраќајници во Дубаи по вчерашното (16.04) големо невреме. Поплавени се главните сообраќајници и аеродромот. Поради тоа мораа да бидат пренасочувани летови. Големите дождови кои ги зафатија Обединетите Арапски Емирати и делови на Катар и Бахреин предизвикаа поплави. Во Оман, пред два дена, во невремето загинаа 18 лица.
Улица на морковите
Ова е улицата на Маврите во Келн, која некој ја претворил во улица на морковите - разликата во пишувањето ја прават само две допишани точки над буквата „о“. И не само што ѝ е променето името, туку некој се погрижил и за соодветна декорација. За името на улицата и онака веќе извесно време се дискутира во надлежната општина во Келн. Се предлага таа да биде преименувана.
Туширање со пиво за Чаби Алонсо
Туширање со пиво за тренерот на Бајер Леверкузен, Чаби Алонсо, во чест на предвреме освоената шампионска титула во Бундеслигата. Со фуриозни 5:0 против Вердер Бремен, Бајер Леверкузен ја обезбеди долгоочекуваната прва шампионска титула во клупската историја на пет натпревари пред крајот на сезоната. Тренерот Чаби Алонсо изјави дека веројатно му треба малку време за да стане свесен за титулата.
Без лифт на Ајфеловата кула
Жена, јаже, знаменитост! Има 674 скали до вториот кат на Ајфеловата кула, 115 метри над покривите на Париз. Повеќето посетители користат лифт. Анук Гарние го помина најкраткиот пат: вертикално нагоре, на слободно висечко јаже. Само 18 минути ѝ беа потребни за искачувањето на најпопуларното обележје на француската метропола. Рекорд! „Сонот ми се оствари“, вели 34-годишната спортистка.
Бонус на туристичкиот магнет
Момент полн со магија и убавина на границата меѓу САД и Канада: Посетителите на Нијагарините водопади доживеаја посебно искуство кога над громогласните води се појави виножито, што го направи овој многу популарен мотив за фотографирање уште попривлечен. Нијагарините водопади се меѓу најмоќните во светот, со 168.000 кубни метри вода во минута.
Одеднаш настапи мрак
Луѓе собрани во паркот Жан Драпо во канадскиот град Монтреал восхитено го напљудуваат моментот на целосно помрачување на сонцето. Милиони луѓе ширум Северна Америка беа сведоци на реткиот астрономски феномен во понеделникот (8 април, 2024), при кој месечината целосно го блокираше сонцето неколку минути.
Водени игри во древниот Рим
Бањите Каракала веројатно биле изградени во централен на Рим помеѓу 212 и 217 година од нашата ера за време на владеењето на императорите Септимиј Север и Каракала. Долго лежеа на суво. Сега повторно имаат базен со вода - но, не за капење. Базенот со големина 42 x 32 метри е наменет да ги направи термалните бањи вистнски привлечни - како огледална површина за импресивните урнатини.
Капење во цветно море
Цветниот раскош треба да ги израдува пчелите и другите опрашувачи - тоа е планот на природата. Но, расцутените цреши во моментов привлекуваат голем број посетители. Така е деновиве, на пример, во Вашингтон, во Бон и - како на оваа фотографија - во Токио. Во Јапонија уживањето во раскошот на пролетта има долга традиција. Цветот на црешата е симбол на убавина, но и на минливоста.
Неми сведоци на поплавите
Поројниот дожд деновиве предизвика поплави во делови од Франција: реката Виен исто така се излеа од коритото. Голем број жители по должината на реката мораа да бидат донесени на безбедно.Од друга страна, овие тополи во Шинон во регионот Индре и Лоара понудија атрактивна можност за фотографирање.
Велигденско дрво во Залфелд
Традиционално, за Велигден Германците украсуваат дрвја или гранки со бојадисани велигденски јајца. Велигденското дрво во градот Залфелд го носи овој обичај во друга димензија: украсено е со 10.000 рачно дувани и насликани велигденски јајца. Семејство од Залфелд во Тирингија ја започна оваа традиција, а сега градот ја продолжува затоа што дрвото одушевува и многу посетители.