1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КлимаГрција

Ќе биде уште полошо - Сахара доаѓа во Грција

4 мај 2024

Прашината од Сахара минатата недела ја пожолти Грција. Но, и морето и воздухот се сѐ потопли, врнежите се намалуваат, а годинава лесно може да има уште повеќе пожари.

https://p.dw.com/p/4fJSL
сахарска прашина Грција
Прашината од Сахара минатата недела ја пожолти Грција. Но, и морето и воздухот се потопли, врнежите се намалуваат...Фотографија: Louisa Gouliamaki/REUTERS

Минатиот вторник (23.4.) во Атина сите имаа што да видат: воздухот првично беше целосно жолт, потоа портокалов, а самракот беше црвен. Многумина тврдат дека вакво нешто досега не виделе, барем не во вакви размери. И посеверно од Грција, на пример во Хрватска се вели дека тоа е „сахарски песок“: не е песок, честичките му се премногу тешки и паѓаат најдоцна во морето, но тоа е пустинска прашина. Но, тоа не е сосема безопасно за оние кои и онака имаат проблеми со дишењето.

Сите се сликаа тој ден во Атина и сликите беа објавени насекаде низ светот, иако таа пустинска прашина над Европа не е ништо ново. Но, обемот и времетраењето на овој феномен е исто така невообичаен: една недела подоцна прашината не исчезна.

Христос Зерефос, претседател на Академијата во Атина и комесар за климатски промени, постојано повторува дека ваквите појави ќе бидат поизразени и почести. Но, нивната причина е иста уште од античко време: тоа се суптропските пролетни ветрови кои ја носат прашината на Сахара во Европа преку Чад и Либија - Арапите таму го нарекуваат Хамсин, што значи „педесет“, бидејќи тој период обично трае толку многу денови. И повторно и повторно се креваат огромни облаци од пустинска прашина, кои понекогаш достигнуваат и до Британскиот остров.

сахарска прашина Атина
Оваа прашина не е сосема безопасна за оние кои и онака имаат проблеми со дишењето.Фотографија: Louisa Gouliamaki/REUTERS

Топлина веќе во март

Но, овој експерт предупредува дека нешто се менува во последно време: Медитеранот станува сѐ потопол. Студеното море во пролетта го олади и воздухот така што и прашината стана постудена и голем дел падна во морето. Но, особено температурата на источниот Медитеран е цели два степени повисока од просекот за целиот век, така што топлината „лансираше“ прашина и на европскиот континент.

Бидејќи и во Грција станува сѐ потопло: на многу Грци оваа година не им пречеше благата зима, бидејќи заштедија пари за греење. Но, температурите растат на почетокот на годината, а исто така и ризикот од пожар. Веќе овој март имаше пожар на планинскиот венец до Олимп на северот на Грција и траеше повеќе од една недела, додека конечно не беше локализиран. Генерално, веќе во март во Грција за првпат избувнаа дванаесет големи шумски пожари, додека локалните пожарникари обично очекуваат такви размери дури некаде во мај.

Но, серијата не престана: на почетокот на април имаше пожар и во провинцијата Ласити на истокот на Крит - најверојатно станува збор за подметнат пожар, но огнот излезе од контрола и уништи илјадници хектари шума и полиња. Дури потоа е прогласена опасност од пожар за егејскиот регион - што значи дека палењето оган во природа не само што се казнува со сериозна парична казна, туку може да се оди и во затвор. Но, веќе на 22 април избувна пожар на островот Парос. Проблем беше и силниот ветер, што гаснењето го направи речиси невозможна задача за пожарникарите. И сè уште е ветровито, топло и суво - што значи дека можеме само да го чекаме следниот пожар.

сахарска прашина
Минатиот вторник (23.4.) во Атина сите имаа што да видат: воздухот првично беше целосно жолт, потоа портокалов, а самракот беше црвен. Фотографија: Marios Lolos/Xinhua/imago images

Авиони, но не и превенција

Грчкиот премиер Мицотакис веќе во март отпатува во Канада за да нарача уште седум „Канадери“ за гаснење пожари, но тие се бараат низ целиот свет, па рокот за испорака е многу долг. Очигледно е и дека властите - а Грција во никој случај не е исклучок на подрачјето на јужна Европа - не научиле ништо од грешките од минатото. Да, се трошат пари за опрема и гаснење, но се прави премалку за да се спречат пожарите: расчистување на вегетацијата, особено покрај патиштата и далноводите, одржување на патишта  со цел да им се овозможи брз пристап на пожарникарите - има многу превентивни мерки, но и тие чинат пари и не се толку привлечни за медиумите како нарачката на нови авиони.

Сè на сè, многумина во Грција стравуваат дека оваа година може да биде уште полоша во однос на пожарите од веќе катастрофалната 2023 година. До крајот на август, во Грција изгоре површина од 1.726.260 хектари шуми и вегетација, што е 41,9% од штетите предизвикани врз шумите во целата Европска Унија. Грција стана и рекордер по пожарот на Еврос, најголемиот пожар што избувна во Европа во текот на овој век.

канадери, пожари
Топлото време носи опасност од пожари. Грција ќе набавува нови канадериФотографија: Sakis Mitrolidis/AFP

Ќе биде уште потопло

А, кога нема шума и вегетација, тогаш ништо не може да ги спречи дури ни дождовите кога ќе почнат да паѓаат: така и античка Тесалија претрпе катастрофални поплави минатата година. Во тој земјоделски простор има уште некои села без жители, а огромни површини не може да се обработуваат.

Тешко дека некој во Грција може да негира дека климата сериозно се менува: минатата, 2023 година, беше најтопла и со најмалку врнежи од 1991 година. А, морето е веќе затоплено: на југоисточниот дел на Егејот минатото лето температурата на морето достигна 28 степени. Во јули владееше најдолгиот измерен период на топлина: во над 150 области на Грција, живата се искачи над 40 степени, на југот на Пелопонез беа измерени рекордни 46,4 степени. А, и со малку пониски температури, сепак тешко се дише во големите градови.

Прашината од Сахара веќе пристигна. Како што им се чини на Грците, доаѓа и Сахара.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки